Спортските обложувалници против измените на Законот за игри на среќа

Околу 8 илјади луѓе ќе останат без работа, а 98% од објектите ќе се затворат ако се изгласаат измените во Законот за игри на среќа – алармираат сопствениците на спортските обложувалници. Државниот буџет, пак, би загубил над 250 милиони евра од разни давачки. Тие бараат итна средба во Владата за да се креира ново и како што кажаа издржано решение согласно европските стандарди. Инаку законските измени ги изготвува Министерството за финансии и наскоро треба да станат јавно достапни. Сопствениците на обложувалниците се гневни поради покачувањето на даноците и обврската објектите да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училишта и високообразовни институции. Дислоцирањето во некои средини, сметаат дека е невозможно и ќе значи клуч на врата за многу објекти, но и пропаѓање на компании.

Според сопственицџите на спортските обложувалници оддалечувањето на објектите од училиштата нема да ги промени навиките на луѓето. Такви барем, тврдат, биле европските искуства. Дополнително, алармираат дека ќе се отвори нов проблем – ширење на сивата економија, односно отворање на еден целосно нов илегален пазар или „диви обложувалници“.

Движењето против коцкање, пак,  најавува протести пред Собранието, ако се донесе Закон различен од ветениот. Тие бараат дислоцирање на обложувалниците и до еден и пол километар подалеку од образовните институции. Надлежните тврдат дека измените ќе се носат во консултација со сите заинтересирани страни.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста