Талат Џафери или Стојан Миланов – кој ќе ја свика конститутивната седница на новиот парламентарен состав?

Талат Џафери или Стојан Миланов? Кој ќе ја свика првата седница на новиот парламентарен состав? Најдоцна до 5 август новите пратеници треба да седнат во пратеничките клупи, да ја одржат конститутивната седница на Собранието. Сепак најава за седница се уште нема. Засега останува непознато и дали собранискиот спикер Талат Џафери ќе ја свика првата седница, со оглед на веста за неговата хоспитализација.
Сепак собранискиот деловник има предвидено алтернатива доколку претседателот на претходниот собраниски состав не ја свика седницата. Тогаш конститутивната седница ја свикува најстариот пратеник во Парламентот, а во моментов тоа е пратеникот Стојан Миланов.

“Според член 9 од деловникот на Собранието, доколку првата седница не ја свика претседателот, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10,00 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник, ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница” – пишува во собранискиот деловник.

Инаку остатокот од пратениците кои не ги подигнаа своите уверенија, можат да го направат тоа денеска, во Државната изборна комисија. Првиот човек на ДИК, Оливер Деркоски, за Алфа вели дека нема повеќе да врачува уверенија, туку ќе ги испрати во Собранието, оти пратениците треба да ги почитуваат правилата и да покажат одговорност.
Како најсигурен термин за одржување конститутивна седница се посочуваше 4 август, со оглед на тоа што тоа е првиот работен ден по илинденските празници, а воедно и последен термин до кој Џафери, како претседател на досегашниот собраниски состав, може да ја закаже првата седница на новото Собрание, како што е предвидено во Уставот, во рок од 20 дена од завршувањето на изборите што годинава се одржаа на 15 јули.
Од кабинетот на Џафери велат дека здравствената состојба на спикерот е стабилна, но неопходен му е одмор и мирување. Досегашниот претседател на собранието би можел и во отсуство да го потпише решението за свикување на првата седница, но прашање е дали ќе може да претседава со неа.
Неодамна, во изјава за медиуми, пред распишувањето на изборите, Џафери најавуваше дека иако не е променет собранискиот деловник, може да гарантира дека овој пат првата седница на новиот парламент ќе помине во најдобар ред. Односно дека нема да дозволи да случи нешто слично како при неговиот избор на чело на законодавниот дом – на 27 април 2017 година.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста