Тајван дополнително ги затегнува односите САД – Кина

Американско – кинеските односи останаа затегнати и по промената на власта овде во Вашингтон. До крајот на годинава треба да се одржи виртуелен самит меѓу претседателите Џо Бајден и Си Џинпинг кој би требало да расчисти дел од отворените прашања.

Неделава Кина испрати 150 воени авиони близу воздушниот простор на Тајван. По ова следуваше предупредување од Соединетите Држави.

Активноста е дестабилизирачка. Ризикува погрешна пресметка и има потенцијал да ги поткопа регионалниот мир и стабилностизјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Кинескиот притисок врз Тајван само долева масло на огнот на веќе затегнатите односи меѓу Пекинг и Вашингтон.

Иако е загрижувачки, не мислам дека ризикот за војна е висок. Не мислам дека Кинезите се заинтересирани да испровоцираат војна. Не се ниту САД – изјави Тимоти Хит, експерт за одбранбени прашања.

Соединетите Држави одржуваат неофицијални релации со Тајван и му нудат одбранбена поддршка, но ја почитуваат политиката „Една Кина“ и не го признаваат како независна држава. Оваа позиција беше потврдена и за време на телефонскиот разговор меѓу кинескиот и американскиот претседател минатиот месец.

Се согласивме, ќе го почитуваме договорот за Тајван, а и јас му дадов до знаење дека не треба да прави ништо друго освен да го почитува договорот – изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Сепак, во суштината на затегнатите американско – кинески односи е економијата а не Тајван.

САД го зголемуваат притисокот врз Кина зашто не го почитува договорот од јануари 2020-та според кој до крајот на годинава Пекинг треба дополнително да набави американски стоки и услуги вредни 200 милијарди долари. Во меѓувреме Вашингтон се уште ги држи во сила дополнителните давачки за кинеските производи.

Ќе го искористиме целиот опсег на алатки со кои располагаме и ќе развиеме нови алатки доколку има потреба, за да ги одбраниме американските економски интереси од штетните политики и практики – изјави Кетрин Таи, Оддел за трговија.

САД и Кина се тркаат за зголемување на влијанието во Индопацификот.

Американскиот претседател Џо Бајден оствари средби со лидерите на Австралија, Индија и Јапонија со кои се работи на продлабочување на економските врски.

Од друга страна Соединетите Држави повеќе не се дел од Договорот за транс – пацифичко партнерство, откако поранешниот претседател Доналд Трамп се повлече од него.

Ќе биде се потешко САД да ги одржат економски предности во Индопацификот, особено зашто Кина неодамна аплицираше да се приклучи на Договорот – изјавиАбрахам Денмарк, Истражувачки центар Вилсон.

Соединетите Држави не беа вклучени ни во трговскиот договор во кој влегуваат 10 држави од Југоисточна Азија и пет дополнителни партнери, меѓу кои и Кина.

Проекциите на меѓународните финансиски организации покажуваат дека за 12 години кинеската економија ќе ја претекне американската и ќе стане најголема во светот. Но со оглед на тоа што Кина има 4 пати повеќе жители, САД и натаму ќе бидат далеку побогата земја .


За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.