Tупанчевски ќе чека да ја види пријавата на Бендевска па ќе каже дали ќе го казни „Ванчо Михајлов“

Министерот за правда Никола Тупанчевски чека да ја добие и разгледа прекршочната пријава поднесена од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за неизвршување на законски надлежности поврзани со клубот Ванчо Михајлов, па потоа да се изјасни, одговорија од Министерството за правда.

Претседателката на комисијата Весна Бендевска во вчерашната емисија „Што не е јасно“ посочи дека надлежното министерство и Централниот регистар не си ја завршиле својата работа и направиле пропусти.

 „Ако Министерството за правда извршеше надзор врз доментацијата не врз здружението во Централен регистар ќе забележеше дека согласно документите регистрирано е здружение под име Културен Центар „Иван Михаилов“ од Битола, а во центарот на Битола во Еврејското маало ќе видите голема табла каде што пишува Клуб Банчо Михајлов ВМРО на друга адреса“, вели Весна Бендевска претседателка на Комисијата за заштита од дискриминација.

Прекршочната пријава за непостапување доаѓа откако Комисијата утврдила дека министерството не постапило по нејзината препорака во која како што вели биле содржани сите закони што се прекршени како и меѓународни инструменти што Македонија ги има ратификувано.

Прекршочна пријава од страна на Комисијата е поднесена и против Здружението Културен центар „Иван Михаил“ од Битола.

За три недели истекува и рокот во кој клубовите „Ванчо Михајлов„ и „Цар Борис Трети ќе мора да ги сменат имињата или треба да следува нивно затварање според измените на Законот за здруженија и фондации.

Минатата недела министерот Тупанчевски најави дека е формирана комисија во рамки на Владата која треба да започне да заседава,па потоа како што вели министерството ќе се произнесе со свое мислење по однос на ова прашање.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста