Tајван во борбена готовност по воените вежби на Kина околу островот

Растат тензиите во Тајландскиот теснец. Немирите стасаа и до Јапонија. Таа тврди дека најмалку пет балистички ракети истрелани од Кина кон Тајван паднале во нејзина економска зона во Јапонското Море. Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши изјави дека тоа е „првпат кинеска воена балистичка ракета да заврши во нивните води”.

Ова е сериозно прашање што се однесува на националната безбедност на нашата земја и народ, рече Киши.

Кинеската армија, која од вчера почна огромна воена вежба во Тајванскиот теснец, денеска испука најмалку 11 ракети кон островот, кои завршија во морето, но се сигнал за воената надмоќност на Пекинг. Тајванските сили за безбедност се ставени во состојба на готовност да одговорат во случај на директен напад од моќната кинеска армија.

Тајванските власти потврдија дека проектилите завршиле во морето и дека “не посакуваат војна, но се подготвени”. Во меѓувреме поради воената вежба на кинеската армија придружена од воени летови, над 40 цивилни летови од Тајван се откажани.

Станува збор за проектили од типот “Донгфенг” кои биле истрелани во правец на кинескиот остров Матсу, кои се дел од територија на вежбата на кинеската армија. Ракетирањето во неколку бранови траело два часа.

Тајванската влада соопшти дека и веб сајтовите на официјален Тајпеј, како и компјутерски системи се под силен хакерски напад за што преземаат одбранбени мерки. Кина потврди дека се користени ракети во воената вежба.

Сегашните и идните мерки на Кина се неопходни и навремени одбранбени контра мерки, внимателно разгледани и оценети, насочени кон зачувување на националниот суверенитет и безбедност, во согласност со меѓународното и домашното право, изјави Ванг Ји – кинески министер за надворешни работи

Тајванските власти тврдат дека кинеската војска намерно избрала да ја одржува воената вежба во шест области, кои делумно навлегуваат во територијалните води на Тајван, со цел да го наруши статусот и да го поткопа регионалниот мир.

„Странските непријателски сили и нивната сајбер армија можат да извршат напади во секое време. Така, Министерството за надворешни работи ќе остане будно. Доколку се појави какво било ненормално сценарио, ние веднаш ќе реагираме и ќе се справиме соодветно“, изјави Јоана – портпаролката на министерството на Тајван

Големата воена вежба на кинеската армија започна само неколку часа откако и покрај противењето на официјален Пекинг, претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси допатува во еднодневна посета на Тајпеј. Како што е познато, Кине не го признава Тајван како независна држава, туку како своја територија, а посетата на Пелоси ја доживеа како директна провокација.

Иако засега е мирно и нема директна конфронтација, светот стравува дека случајот со Тајван може да биде почетокот на уште еден голем судир меѓу САД и Кина, налик на тој со Русија во случајот со Украина.

Тензијата дополнително расте поради тоа што Американската војска има многу воени бази во регионот на Тајван и би можела веднаш да интервенира во случај на војна.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста