Tутунарите го возвраќаат ударот: „Премиерот е „одлепен“ од реалноста ако мисли дека тутунарите се задоволни“

Како ретко кога претходно, на силна лавина од негативни коментари и негодувања наидоа последните изјави на премиерот околу годинашните откупни цени на тутунот.

Срамно и бедно е до толку да се девалвира макотрпниот труд на тутунопроизводителите“, „Номиналната вредност е највисока, ама реалната вредност колкава е, премиере ? Или тоа не го учевте на Оксфорд?“, „Ова е историски најголема голгота на тутунарите и на народот на Македонија“, „Заборави да каже дека историски имаме највисока инфлација, со цени за 200 проценти повисоки, па нашите 30 проценти се една голема нула“, се само дел од стотиците коментари на социјалните мрежи.

На вчерашните фалби од премиерот и министерот, не отанаа имуни ни од четирите новоформирани тутунски здруженија. Според нив, премиерот бил „одлепен“ од реалноста и многу далеку од вистината, ако мислел дека тутунарите се задоволни од моменталната откупна цена.

Зборувате за историски највисока цена на тутунот, но зошто не кажете дека и производната цена на килограм тутун е историски највисока ?! 240 денари не’ чини килограм произведен тутун според трошоците, а вие се фалите со постигнати 260 ден, па што сме ние тутунарите за вас, луѓе или стока која работи како волот за сламата? Или пак, мислите дека задоволство предизвика новата мерка за поддршка и набавка на модерна опрема со која си наградивте 29 партиски тутунари во целата држава со по 73 илјади евра?! Вашата вистинска грижа за земјоделците се гледа директно преку фактот што за 2023 год. кога сите држави го зголемуваат буџетот за земјоделство, вие го намалувате, а тоа скапо ќе ги чини граѓаните кои ќе купуваат се’ поскапа храна од увоз“, стои во реакцијата од четирите новоформирани тутунски здруженија.

Дополнителна капка во прелеаната чаша од незадоволство беше и изјавата на претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Методија Стомнароски, според кого новите откупни цени биле задоволителни.

Оваа година со голем удел на овој Сојуз, ние бевме, преговаравме со сите фирми и се изборивме за ова покачување. Не викаме дека ова покачување е идеално и дека е многу, ама малку ќе ги ублажи нашите загуби“, – кажа Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Според тутунарите, кај нив не постои повеќе задоволство ни од висината на субвенциите кои со вредност од 60 денари биле проектирани во далечната 2010 година, а минимално биле зголемени во 2017.

Каролина Дурло

Advertisements