Веројатно годишните времиња не влијаат врз развојот на пандемијата на новиот коронавирус, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека е погрешно верувањето оти во летен период сме позаштитени.

– Годишните времиња не влијаат врз пренесувањето на вирусот, од кој починаа над 650.000 луѓе во светот и заразени се повеќе од 16 милиони, изјави портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на онлајн брифингот.

Како пример, таа наведе дека во една од најпогодените земји во светот од Ковид-19, САД, сега е лето, а во втората најпогодена Бразил е зима.

– Постои верување дека вирусот е сезонски, но мора да запаметиме дека станува збор за нов вирус, кој иако е респираторен, кои историски се сезонски, овој се однесува поинаку, нагласи Харис.

Таа истакна дека комбинацијата на вирусот на грип, кој е сезонски и преовладува во зима, и новиот коронавирус е загрижувачка и може да го зголеми притисокот врз здравствените системи.

– Им препорачуваме на сите да се вакцинираат против грип, советува Харис.