Социјалната помош да не ги демотивира корисниците да бараат работа

Висината на социјалната помош да не ги дестимулира луѓето да бараат работа – бара Светска Банка. Од банката велат дека е добро тоа што Владата ги зголемила трансферите до најранливата категорија граѓани, но дека клучно во реформата е тие да се вклучат на пазарот на труд, а не да останат долго корисници на државни пари.

Од Светска банка наведуваат дека за сегашните корисници на социјална помош да се мотивираат да бараат работа, клучно е и дали државата може да им обезбеди бројни услуги како на пример згрижување на децата и постарите членови на семејството за кои тие имаат одговорност.

Иако стапката на невработеност постојано паѓа, од Светска Банка алармираат дека дел од причините за тоа треба да се бараат во иселувањето на населението, особено на младите. Токму кај оваа популација невработеноста е највисока, речиси секој втор млад човек нема работа. Од Светска Банка препорачуваат итни реформи во образованието за луѓето полесно да можат да се дообучуваат и преквалификуваат за други работни места. Велат наставните програми мора да се адаптираат на се побрзите промени во ИТ секторот, а учениците да не ги развиваат своите вештини само преку учење на факти, туку да се натераат критички да размислуваат, за да можат да донесуваат одлуки.

Во моментов, 80% од невработените во Македонија се долгорочно невработени лица кои тешко се вклучуваат на пазарот на труд, а дури 50 отсто од невработените не само што немаат работа, туку и не се ни потрудиле да ја најдат.

Тања Попова