Светот во паника од мутираниот корона вирус, Македонија ги суспендира летовите од Велика Британија

Утрешниот лет на Виз ер од Лондон ќе биде последен за годинава кон Велика Британија, потврдија за Алфа од Владата. Патниците кои утре ќе влезат во земајва нема да треба да одат во карантин, оти мерките кои ги донесе Главниот Кризен штаб на Владата ќе важат дури од среда.

Сосотојбата со корона вирусот, која излезе од контрола во Англија ги натера надлежните во земјава да го суспендираат авио сообраќајот, но влезот во Македонија за жителите на островската земја нема да биде забранет. Тие ќе може да дојдат со прелети од други земји, но и по копнен пат, но ќе мора да седат во домашна изолација две недели.

Новата мутација на корона вирусот, за која властите во Англија информираа оти многу побрзо се пренесува, крена паника во Европа. Домашните епидемиолози смируваат – тоа што новиот коронавирус се шири побрзо не значи дека е поагресивен. Од Центарот за јавно здравје, велат дека допрва ќе треба да се анализира дали новиот тип на вирусот ќе ја направи вакцината неефикасна, бидејќи се уште немало доволно податоци за истиот. Според нив, ковид вакцината била едновалентна, односно наменета само за Ковид 19 и за сега не се знае дали таа ќе делува и кај новата мутација на вирусот.

Микробиологот доктор Никола Пановски пак тврди дека новиот тип на корона вирус нема да ја компромитира вакцината која веќе почна да се користи во повеќе земји во светот.

Во меѓувреме, Комисијата за заразни болести не ја разгледува опцијата да предложи дополнителна мерка како воведување на задолжителен ПЦР тест за влез во Македонија, како што тоа го направија земјите од соседството.

Новиот мутиран корона вирус, покрај Велика Британија се појавил и кај пациенти во Австралија и во Данска.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста