Светот брои вакцинирани, Македонија брои пријавени луѓе за вакцинација
Во Босна и Херцеговина денеска почна вакцинацијата против Ковид 19 со руската вакцина Спутник В. Прв вакцината ја прими директорот на Универзитетскиот клинички центар на Република Српска, Владо Џајиќ. Во првата фаза властите обезбедиле 2000 дози од вакцините, а дополнителни 5000 дози ќе добијат како помош од Србија. Со овие вакцини прво ќе бидат имунизирани здравствените работници.
И Црна Гора наголемо се подготвува за старт на вакцинацијата откако Институтот за лекови дал одобрение за употреба на руската вакцина Спутник. Имунизацијата во Срна Гора треба да стартува кон крајот на овој месец, а ќе се одвива на 40-тина пунктови во земјата.
Македонија, пак, заедно со Косово останува последна во Европа без конкретен рок кога ќе стигнат вакцините.
И додека светот брои колку луѓе примиле анти ковид вакцина, здравствените власти во земјава бројат колку луѓе се пријавиле за вакцинација, оти датум за старт на вакцинацијата нема.
„Вториот механизам, сајтот кој што со внесување на матичниот број го наоѓа неговото електронско досие во системот Мој термин според алгоритмот на возраст, хронични болести ја дава проиритизацијата на граѓаните завакцинација и ги извесува матичните лекари“, рече Филипче во гостување на ТВ 21.
И за разлика од нас, кои освен „наводни“ пофалби оти сме биле добро организирани за чување и транспорт на вакцините кои се уште ги нема во земјава, Србија веќе влезе во трка со Велика Британија да стане лидер во Европа по бројот на вакцинирано население. Северниот сосед до сега имунизираше над 630.000 граѓани. Земјата доби зелено светло да стане прва во Европа што ќе ја произведува руската вакцина Спутник, откако експерти од Русија утврдиле дека Србија поседува капацитети за производство на вакцини во прва фаза. Граѓаните на Србија можат да одберат помеѓу вакцините на „Фајзер“, „Спутник“ и „Синофарм“, а до крајот на Февруари на располагање ќе ја имаат и вакцината на „Астра Зенека“.
Биљана Божиновска