Супертајфун се движи кон Кина, издаден црвен аларм

Кинеската метеоролошка служба објави црвен аларм рано утрово поради приближување на тајфунот „Леким“ на провинцијата Жеџијанг на источниот брег, откако беа откажани летовите во Тајван и многу фирми беа затворени.

Тајван од денеска нареди откажување на летовите и затворање на училиштата и компаниите. Повеќе од 40.000 домови останаа без електрична енергија, а брзата железница ги прекина повеќето линии.

Властите издадоа предупредувања за свлечиштето, откако земјотрес од шест степени го погоди североисточниот брег вчера, неколку часа пред да се приближи тајфунот.

Повеќе од 300 летови се откажани во Тајван.

Се очекуваат силни ветрови во градот во текот на денот, а на истокот на Кина во наредните 24 часа може да паднат и 250 до 300 милиметри дожд.