Судскиот совет разреши пет судии

Разрешени петмина судии: еден од Врховниот суд, двајца од штипска Апелација и двајца од основни судови. Судскиот совет разреши тројца судии по повторена постапка бидејќи тие веќе еднаш беа разрешени, но Советот за жалби при Врховен им ги прифати жалбите и ги врати предметите на повторно постапување. Стојанче Рибарев е разрешениот судија од Врховниот суд кој како челник на Основниот суд Скопје 1, затоа што тој исклучил неколкумина судии од АКМИС системот за распределување на предмети во период кога истекуваше рокот за поднесување обвиненија до судот од страна на СЈО.

„Тој постапил спротивно на Законот за судовите, односно исклучил неколкумина судии од системот АКМИС при процесот на распределба на предмети и ги довел во нерамноправна положба судиите во судот во период кога истекувал рокот на СЈО за покренување постапки. Со тоа судијата ги пречекорил законските овластувања и постапувал нестручно и несовесно“, соопштија од Судскиот совет.

Во повторената постапка за двајца судии од штипска Апелација, пак, насоките кои ги дал Советот за жалби во Врховен бил да се почитува принципот на индивидуализација на постапката, како и целосно да се утврди фактичката состојба.

Едниот судија постапувал во предмет во кој едната странка била застапувана од адвокатска канцеларија во која бил вработен синот на судијата како адвокат со што судијата ги прекршил законските норми, односно постапувал нестручно и несовесно. Другиот судија во својство на В.Д. претседател пак, донел решение со кое не го изземал судијата од предметот, иако имал законска надлежност за тоа и знаел дека постои конфликт на интереси преку роднинските релации на судијата со адвокатската канцеларија. И овој судија постапил нестручно и несовесно – велат од Судскиот совет.

Покрај тројцата судии за кои имаше повторена постапка, разрешени и се двајца судии од основните судови, а неофицијално како што пренесуваат медиумите, станува збор за судии од Штип и Тетово. Меѓутоа, за разлика од разрешувањето на тројцата судии кое е конечно,  одлуката на Судскиот совет за нив не е правосилна и тие имаат право на жалба до Врховен.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста