Судот во Стразбур пресуди во корист на исклучените од парно, граѓаните судски ќе си ги бараат парите назад

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на исклучените од системот на парно греење, кои биле присилени од државата да го платат паушалот за топлинска енергија кон компанијата. Како што за Алфа рекоа дел од исклучените, судот оценил дека Македонија не го заштитила имотот на исклучените сопственици, нарушувајќи им го нивното право.

Во улога на тужители се јавија осум Македонци, со живеење во Скопје, кои се пожалија дека биле должни да плаќаат фиксна сума за затоплување на нивните станови, иако тие веќе не биле поврзани со мрежата за греење.

Сега велат граѓаните, секој петок ќе протестираат пред судовите во знак на револт, незадоволни од тоа што годиниве не им се слушал нивниот глас. Ќе бидат на улица се додека не им се исплатат сите пари кои присилно им ги земала државата.

Според Судот од Стразбур, во овој случај имало прекршување на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права. Притоа е одлучено на жалителите да им се исплатат суми од 1.000 до 2.000 евра.

– Домашните судови го потврдија ова толкување и ги отфрлија граѓанските постапки на тужителите со кои тие ја сопреа наплатата на фиксната претплата за која се жалеа. Судовите сметаа дека, како индиректни потрошувачи од апликантите се бараше да го платат фиксниот износ, без оглед на нивните индивидуални околности, стои во образложението на судот.

Во 2013 година, македонскиот Уставен суд оценил дека одредбата од оваа регулатива е согласно Уставот, оценувајќи дека оваа фиксна наплата корисниците исклучени од мрежата мораат да ја платат за топлината што ја примале индиректно, од другите станови во зградите.

Во 2018, Врховниот суд пресуди одредена категорија станови да не го плаќаат фиксниот надоместок ако исполнуваат одредени услови, така што на осумтемина тужители, државата ќе треба да им ги подмири сите трошоци. Сите тужители се сопственици на станови, кои беа исклучени од мрежата пред 10 години.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста