Судот во Стразбур ги отфрли жалбите на Литванија и Романија за тајните затвори на ЦИА

Европскиот суд за човекови права ги отфрли жалбите на Литванија и Романија за пресудите на Трубуналот од мај годинава за нивна вмешаност во програмата за тајни затвори на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

Двајца затвореници од Гвантанамо – Абдара Рахим ал Нашири, кој ја тужеше Романија и Абу Зубајда, кој поднесе тужба против Литванија, тврдеа дека биле држени во тајни затвори во овие земји во периодот од 2004 до 2006 година и биле подложени на психичко и физичко насилство.

Досега ниту Букурешт, ниту Вилнус не признаа дека имале тајни затвори на нивни територии и ја обжалија пресудата. Сепак, Судскиот совет едногласно ги отфрли нивните жалби.

– Судот заклучува дека Литванија имала таен затвор на ЦИА помеѓу февруари 2005 година и март 2006 година, дека Зубајда бил притворен таму и дека националните власти знаеле дека со тоа се крши Европската конвенција за човекови права, се наведува во мислењето на Судот.

Се препорачува властите на Литванија што побрзо да спроведат целосна истрага и доколку е потребно, да ги казнат виновниците. Литванија е должна да плати 100.000 евра на тужителот и 30.000 евра за судски трошоци.

Судот во Стразбур ги донесе истите заклучоци и во однос на делото во Абдара Рахим ал Нашири против Романија, која ќе треба да му исплати 100.000 евра.

Европскиот суд за човекови права, исто така, препорача Букурешт да спроведе истрага и да се обиде да добие уверување од американските власти дека Нашири нема да биде осуден на смрт.