Судот му го простил „обидот за насилство“ на вујкото на Шеќеринска

Се спасил ли финансиски раководител на ученички дом затоа што е близок роднина на еден од највисоките и најмоќни државни функционери во Македонија?  Судот, му го простил – “обидот за насилство“ на Драган Грујевски раководител на студентскиот дом “Томе Стефановски Сениќ” врз вработена во истата институција. Според судската одлука но и според изјавите на вработени, Грујевски четириесетина пати е пријавен за сексуално насилство и мобинг врз своите потчинети.

Вработените се плашат јавно да кажат дека се работи за “вујко” на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Но јавно проговори поранешниот директор на “Сениќ“ кој алармира дека овој проблем се влече неколку години. Според него, Грујевски бил тежок алкохоличар и психијатриски случај, за кој знаат и во минситрството што го води Дамјан Манчевски.

“За 18 месеци ,од господинот Грујевски имам 38 претставки заради мобингот што го вршеше тука…заради сите лоши работи што знаат сите во министерство…јас требаше да дадам оставка дека ми се изгуби репутацијата.Господинот Грујевски во последниве години беше тежок алкохоличар,човек кој му престана работниот однос заради обид на силување на работно место.И човек што се лечеше во невропсихијатрија”. –ова го тврди поранешниот директор на домот Џемаили.

И новиот директор смета дека родонината на Шеќеринска не смее да биде вратен на работното место.

“Јас не знам како било.Човек за да донесе било каква одлука треба да види со очи, да слушне итн..Доколку навистина се случило тоа… според мене Грујевски од етички причини не треба да биде вратен на работа.Сепак ние не можеме да одлучуваме.” – вели, директорот на домот Исмаил Абаџи.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прашањето дали го знае случајот во кој роднина на Шеќеринска ургирала да се врати на старото работно место, по сексуално малтретирање – со неодреден одговор, според кој, кога се работи за роднини е потешко да се оддолее на притисокот да се помогне.

“Кој е човекот јас не знам, дали бил во роднинска врска или не. Ако е во роднинска врска вие не можете да го бирате, едноставно така определил господ, додека ако бирате пријатели , тогаш можете да изберете” – изјави техникиот премиер Спасовски.

Алфа денеска се обиде да стапи во контакт со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на која и побаравме став за случајот со нејзиниот роднина. Од министерката бараме да објасни дали влијаела на враќање на работното место на нејзиниот вујко, но одговор се уште нема.

 

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста