Судот контра Обвинителството: Сашо Мијалков останува во Шутка, одбраната не открива дали ќе се жали пред Апелација

Сашо Мијалков засега останува во Шутка, одбраната не открива дали ќе се жали пред Апелација. 11-те милиони евра недоволни за Кривичниот суд. Зеленото светло од Обвинителството на Вилма Русковска и обвинителот Артан Ајро, не беше доволно за судот, да даде амин поранешниот директор на УБК да се брани од слобода. Неговиот адвокат Петар Василев, на прашање на Алфа, дали ќе се жалат пред второстепениот суд, телефонски кратко ни кажа дека нема коментар. Во соопштението од Кривичен, велат дека висината на понудената сума, не била доволна гаранција за Мијалков да биде пуштен од притвор.

-Водејќи се по член 150 ст.3 од ЗКП согласно кој судот е тој што по слободна оценка одлучува дали ќе определи гаранција и кој ќе биде износот на истата, а во правец на претходните две негативни мислења на ЈО, Кривичниот совет не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција, информираат од Кривичниот суд.

Од Кривичен како причина да не го пуштат Мијалков наведуваат што тој веќе има две неправосилни пресуди, но и дека се воделе уште два други предмети против него.

-Обвинетиот во предметот од Обвинителството означен како „Трезор“, со првостепената пресуда е осуден на 8 години казна затвор, а за која надлежното Обвинителство предложи определување мерка притвор. Воедно обвинетиот во предметот од Обвинителството означен како „Таргет – тврдина“, со првостепена пресуда е осуден на 12 години казна затвор, а против истото лице се водат и два други предмета за кои претходно беа определувани други мерки за обезбедување присуство токму по предлог на надлежното Обвинителство, велат од Кривичен.

Како отежнувачка околност поради која Кривичен не го пушти Мијалков да се брани од слобода е што тој пред три месеци два дена не беше достапен за органите, кога прв пат беше побаран притвор за него. По 40-тина часа, се појави сам во Обвинителството, велејќи дека бил во изолација поради страв дека е заразен со ковид 19, а дека се трага по него дознал по два дена. Мијалков и тогаш, но и претходно кажа дека нема намера да се даде во бегство.

-Со бегање проблемите не се решаваат, стилот на мојот живот не е бегањето. Односно сакам да ви кажам јас никогаш нема да побегнам, кажа Мијалков.

-И уште еднаш да го повторам она, јавно да го повторам оној мој збор дека јас никогаш нема да побегнам, кажа Мијалков.

Надеж за Мијалков останува Апелациониот суд. Против оваа одлука на Кривичниот суд, тој и неговиот адвокатски тим, имаат право на жалба во рок од три дена по приемот на решението.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста