Судир на интереси и кршење на Законот за МНР – Димитров испраќа амбасадори надвор од правилата

Дали македонските власти свесно го кршат законот и се обидуваат да испратат  амбасадори во странски земји надвор од правилата? Алфа се обиде да добие одговор на ова прашање откако добивме информација дека некои од кандидатите за испразнетите амбасадорски места би можеле да имаат двојно државјанство, што е спротивно на законот. Го контактиравме професорот Мишо Докмановиќ кој се подготвува да оди во Израел, за да ни одговори дали можеби тој има двојно државјанство. Неговиот одговор беше ниту да, ниту не, односно дека не сака да коментира.

Новинар:Дали можете да ми одговорите, вие како кандидат за амбасадор, дали имате државјанство на уште една држава освен македонското?

Мишо Докмановиќ: Не можам да коментирам во оваа фаза од постапката. Немам коментар за ова што ме прашувате.

Новинар: Но како што е познато, практично е невозможно да оди во дипломатската комисија човек кој има двојно државјанство.

Мишо Докмановиќ: Јас со тоа немам ништо, немам коментар на ова прашање. Исто како и за првото прашање.

Во Законот за надворешни работи, во членот 36 под точката Услови и постапка за именување на амбасадор јасно пишува дека за амбасадор може да се именува лице ако е државјанин само на Република Македонија. Инаку токму во врска со предлагањето за амбасадор на професорот Докмановиќ медиумите го обвинија шефот на дипломатијата Димитров дека има судир на интереси. И поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, предупреди дека професорот Докмановиќ бил дел од Комисијата за доделување стипендии за додипломски студии во странство која одлучи токму на ќерката на Димитров да и биде доделена државна стипендија во висина од 40 илјади евра за секоја година од студиите во Холандија.

 Постои основано сомнение дека остварувањето на ваквиот значителен приватен интерес за семејството на Никола Димитров влијаело врз (не)пристрасното вршење на неговите министерски овластувања кога тој одлучил на владата да ѝ го предложи токму професорот Докмановиќ, а не некој друг, за амбасадор во Тел Авив. Голема е веројатноста дека министерот Димитров како избран функционер му возвратил со давање на предност лично на професорот Докмановиќ и му овозможил повластица преку неговото предлагање за амбасадор во Тел Авив – објави Милошоски.

Во пресрет на формирањето на Техничката влада, Заев и неговите соработници забрзано започнаа да ги пополнуваат со свои луѓе амбасадорските места кои со години стоеја испразнети. Дали во желбата да ги наградат проверените кадри го кршат законот за МНР и  Законот за спречување корупција и судир на интереси, треба да се изјаснат соодветните институции.

Драган Милосављевиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста