Студот и снегот предизвикуваат проблеми во битолскиот регион

За нецели два дена, во Битола и околината, наврнаа околу 40 см снег, а во некои микро- зони речиси и половина метар. Битолчани, вчера и завчера беа зарбобени во своите домови, очекувајќи јавните претпријатија да ја покренат механизацијата и да ги исчистат коловозите и колку толку, за да ја ублажат оваа кочан- зима. Покрај булеварите и улиците од прв и втор ред, вчера се чистеа и понепристапните улици и чикмаци во населбата Баир и градската периферија. Од ЈП “Нискоградба “ велат дека состојбата е под контрола, а синоќа откако престанаа врнежите, започна да се фрла ризла и сол. Денеска, пак, рачно   фрлаат на понепристапните места во градот . Покрај снегот, ниските температури си го прават своето, со измрзнати коловози и троатоари. Утрово, иако сончево време, неколку часа температурите слегоа на минус 13 степени целзиусови, што е веќе опасен предизвик за пешаците и возачите, како излизгувања на возила на Баирот, на “Илинденска“ улица и неколку други места претходните денови. Денес, се прават напори проодни да бидат сите битолски села, а последни останаа  малку населените Ореово и Гопеш. Од друга страна, механизацијата на “Македонија пат“ успеа да го оспособи за сообраќај регионалниот пат  до хотелот “Молика“ во потпелистерието, а стрежевци од вчера работеа и денес утрово веќе го осопобија ски- центарот “Ниже поле“, каде заврна половина метар снег. Од денеска, ни рекоа дека тој ќе биде отворен за љубителите на белите спортови. Да кажеме и тоа,  дека оваа снежна покривка е добродојдена  за Пелагониското поле и ќе ги заштити есенските култури од измрзнување. Исто така, се очекува да биде подобрена вкупната хидролошка состојба. Според проценките, во ЈП “Стрежево“ очекуваат до крајот на  април, акумулацијата да зафати над 70 милиони м3 вода. Лошата вест што реално може да се очекува, е печките, шпорињата и ќумбињата на дрва и пелети, интензивно да се користат и аерозагадувањето за брзо ќе биде  наше горчливо секојдневие.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста