Студот ги „замрзнa“ театарските претстави во Велес

Студот ги смрзна и даските што живот значат во велешкиот театар. Речиси две недели претстави нема бидејќи нема греење. Студот го почувствувавме утрово. Во театарот не се доседува повеќе од десеттина минути. Затекнавме само неколку административци. Не сакаа да зборуваат пред камерите зошто нема греење, не биле надлежни. В.Д директорот Ивановски не е на работа. Бил во Романија. Но се огласи на фејсбук. Вели нафтата била потрошена бидејќи актерите работеле со полна пареа.

“Не се срамиме од тоа. Напротив, се гордееме. Зашто не ја испивме, не ја истуривме. Ја потрошивме. За да работи зградата, за да работиме ние, за што почесто да се среќаваме со нашата публика. Предлагам да ги пребројат, Ве молам, исто така ревносно – настаните што ги реализиравме во изминатава година. Нам ни треба дури и повеќе нафта, зашто не сакаме да престанеме да создаваме.” се вели во објавата на фејсбук страната на велешкиот театар.

Звучи помалку театрално, но луѓето што ги затекнавме внатре никако не сакаат да го коментираат. Но симптоматичноста на ова писание на Ивановски дотолку повеќе зачудува оти министерството за култура, пак, вели оти на сметката на велешкиот театар веќе легнале парите предвидени за греење, во висина од 800 илјади денари. Ако е ова вистина прашањето е дали и каде се потрошени?

Ги прашавме и велешани. Велат им недостигаат старите добри времиња кога навистина театарот работел со полна пареа.

Велешкиот мрзне, драмски се распаѓа, струмичкиот театар тоне. Културата е на колена. Актерите кои ги фарбаа институциите со шарени бои, сега се неми што нивните матични куќи пропаѓаат.

 Ања Василева 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста