Струјата нема да поевтини, намалувањето на ДДВ-то за електрична енергија допрва ќе се разгледува

Струјата нема да поевтини набрзо. Намалувањето на ДДВ од 18 на 5% на електричната енергија ќе остане само желба на граѓаните. Два месеца откако Регулаторната комисија за енергетика и Европската енергетска заедница и препорачаа на Владата да го разгледа ова прашање за колку толку да им го ублажи ценовниот шок на граѓаните, Владата се уште не донесе ваква одлука. Барањето допрва ќе го разгледувале економските министри – вели премиерот Заев. Требало добро да се пресмета каков ефект ваквата одлука би имала врз буџетот, бидејќи пари требале и за други намени.

По поскапувањето на струјата за 7,4%, опозицијата неколку пати својот револт го изрази на протести. Сметките треба позначајно да се намалат дури кога државава целосно ќе се гасифицира. Премиерот најави дека со помош на САД, земјава ќе се вклучи на терминалот за прием на течен гас во Александрополис, Грција. Македонија и Грција работат на повторно активирање на нафтоводот Скопје – Солун.

Освен намалување на ДДВ за струја европската енергетска заедница и Регулаторната комисија побараа од владата да одвои повеќе пари за т.н. „енергетска сиромаштија“, односно да се определат поголеми субвенции за покривање на трошоците за сметки за струја на ранливите категории граѓани.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста