Алијанса за Албанците: За улично осветлување Струга му плаќа на градоначалникот Мерко

Корупциски скандал и криминал тежок милиони евра, со тендерот за осветлување на Струга. Работата ја добила фирма зад која стои Рамиз Мерко и негов близок соработник, обвини кандидатот за градоначалник на Струга од Алијанса на Албанците, Идри Истрефи.

Ова манипулирање,тврди Истрефи трае веќе неколку години, преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања а склучена во вториот мандат на Рамиз Мерко помеѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување Сити Лајт. Оваа фирма за одржување на јавното осветлување добива милиони евра од Буџетот на Струга.

„Милионите што општина Струга и ги дава на оваа компанија одат директно во џебовите на Рамиз Мерко и Армен Кадриу, а за тоа сведочат десетиците банкарски трансакции кои што ние ги обезбедивме.Милиони евра од Сити Лајт се уплатени на приватната сметка на Армен Кадриу и неговото семејство и на сметката на приватниот универзитет на Рамиз Мерко“, вели Идри Истрефи-Кандидат за градоначалник на Струга.

За да биде скандалот уште поголем, Владата во текот на овој мандат исплати 50 отсто од долговите на општините. На општина Струга и беа доделени над 2 милиони евра, додека Рамиз Мерко меѓу десетиците фирми ја избрал Сити Лајт за одеднаш да и исплати над 1,2 милиони евра од тие средства. Истрефи појажа документи кои сведочат за направените трансакции кои го доставил до Јавното обвинителство и Финансиската полиција.

За ова побаравме информација од општина Струга, но одговор не добивме.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста