Стручни лица од ИЗИС ќе вршат обука на комисиите за проценка на штетите од земјотресот во Битола

Во текот на неделава, стручни лица од ИЗИС ќе ја започнат обуката на членовите од комисиите кои се формирани за проценка на штетите, а кои беа предизвикани од земјотресот во Битола кој се случи на 9-ти јануари. Оваа активност следува откако пред шест дена заврши јавниот повик на општина Битола за граѓаните да ги пријавуваат штетите.

  „Се договоривме до крајот на оваа недела, стручни лица од ИЗИС да спроведат обука на членовите на комисиите кој ќе вршат проценка. Инаку, засега е формирана една централна Комисија од пет члена, меѓутоа, ние по препорака на ИЗИС ќе формираме шест комисии со по два члена кои ќе излегуваат на терен секојдневно, и во наредните неколку месеци, иако законскиот рок е 365 дена, најкратко колку што е можно, да извршиме проценка на терен. Буквално, секоја пријава ќе биде разгледувана и сегде ќе се влезе, во секој дом каде што има пријава“, – ни изјави за Алфа, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

  Што се однесува пак, до обесштетувањата на оштетените стари историски градби, Коњановски очекува дека државата, односно Владата ќе си достои на ветеното и финансиски ќе и’ помогне на Битола. Ова, се разбира, откако претходно ќе биле сумирани сите податоци од надлежните комисии.

   Во меѓувреме, како последица од штетите од земјотресот, и понатаму остануваат надвор од употреба еден клон од една Детска градинка, како и двете призмени одделенија во битолската Клиничка болница. Меѓутоа, според директорката на Болницата, Билјана Гагчовска, тоа не влијаело ниту врз функционалноста на установата, ниту пак било на штета на пациентите.

  „Обезбедени се доволно капацитети и си е во процес на проценка и понатаму. Санацијата малку подолго време  ќе зема, не е така едноставно. Обезбедени се доволно капацитети во замена за тие соби што се затворени. Кога се смири тлото, кога повеќе не тресеше, редовниот програм си тече тековно“, – вели Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница – Битола.

  Инаку, до 26-ти  јануари, кој беше и крајниот рок за поднесување на барањата за проценка на штетите, до општина Битола пристигнале вкупно 2677 барања. Законскиот рок за обесштетување е една година, но од општината се надеваат дека тоа ќе се случи многу побрзо.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста