Стручната јавност скептична дека либерализацијата ќе ја „оживее“ клинички мртвата железница

Стручната јавност скептична дека либерализацијата ќе ја „оживее“ клинички мртвата железница

Либерализацијата на Македонски железници во овој момент е многу задоцнето решение. Тоа требаше да се направи уште пред 6-7 години ако сакавме да не стигнеме до оваа фаза – нашата железница да биде клинички мртва“, – смета магистерот по технички науки, Игор Коруноски.

  „Либерализацијата де факто е најавена во нашата држава и воведна уште во 2017 година со потпишувањето на Договорот за транспортна заедница во Трст кој го потпиша тогашниот министер за транспорт и врски, Сугарески. Меѓутоа, еве веќе поминаа скоро 7 години, и ние не гледаме никаква активност и дури сега, во овој момент се пушта тој закон во Собрание за либерализација на железничкиот сообраќај“, – објаснува Игор Коруноски, м-р по технички науки.

   Коруноски анализира дека овие седум години биле залудно потрошени, бидејќи не се направило апсолутно ништо за да се подготват двете железнички претпријатија, МЖ „Транспорт“ и МЖ „Инфраструктура“ за либерализација на пазарот.

  „Во овој момент, во никој случај, овие две претпријатија не се подготвени за отворање на пазарот во железничкиот сообраќај, заради тоа што конкурентите, односно другите комапнии кои што сакаат да оперираат во нашата држава, ќе влезат исклучиво во товарниот сообраќај, онаму каде што е и приходот. А во патничкиот сообраќај немаме заинтересирани оператори“, – дециден е Коруноски.

   Овие свои тврдења тој ги поткрепува со фактот дека нашата железничка инфраструктура и буквално била во катастрофална состојба, а како последен го наведува примерот со мостот на Црна Река кај Стоби.

  „Таму е затворена пругата и всушност Коридорот 10 воопшто не е во функција. Замислете, ако беше либерализиран пазарот и ако возеа приватни оператори, како ќе се одвиваше тој сообраќај и кој ќе ги плаќаше пеналите кон приватните оператори?! Ова е уште еден доказ дека МЖ во моментов не се подготвени за либерализација на пазарот“, – тврди Коруноски.

  Коруноски решението го гледа најпривин во итно изготвување на стручна бизнис – национална стратегија, со вложување на сериозни капитални инвестиции од десетици милијарди евра во железниците, како што тоа се правело, на пример во соседна Србија. „Но дури и тогаш, првите резултати ќе можеме да ги видиме најрано по 5 до 10 години“, потенцира Коруноски.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста