Страв кај граѓаните по првиот случај на Омикрон – предлозите на експертите власта не ги слуша

Првиот детектиран случај на Омикрон во земјава предизвика паника помеѓу граѓаните – стравуваат дали овој сој најзаразен досега сој ќе стане доминантен во земјава и колку ќе биде опасен? Реакциите во јавноста се појавија откако вќера здравствените власти објавија дека во приватна лабораторија во Скопје бил детектиран првиот случај на заразен со новата Омикрон мутација. Станува збор за маж кој допатувал од Велика Британија. Тој вирусот го прележал уште во јануари, а бил вакциниран и со две дози од производителот „Фајзер“. Но, пред два дена повторно добил позитивен тест по што е потврдено дека е заразен со омикрон сојот. Според информациите на здравствените власти пациентот во моментот има лесна клиничка слика и се лекува во изолација во својот дом.

Она што најмногу загрижува е што досегашните анализи покажуваат дека оваа мутација се шири побрзо и може да го заобиколува имунитетот од вакцините – доказ за тоа е и случајот во Македонија. Епидемиолозите се на став оти нема простор за паника, но дел од стручната фела со недели апелира оти властите требаше да донесат нови превентивни мерки. Микробиологот Никола Пановски бараше онлајн настава за децата, а специјалистот Злате Мехмедиовиќ ги повика наджните да воведат брзи тестови за сите патници кои влегуваат во земјава. Но, министерот за здравство во неколку наврати посочи оти Комисијата за заразни болести не предлага нови рестрикции во пресрет на новогодишните празници.

Од Светската здравствена организација предупредуваат за опасноста од омикрон. Велат дека брзината на ширењето на вирусот може да зададе значителен удар врз здравствените системи.

„Во моментов, омикрон инфекцијата е откриена во 110 земји во сите шест региони на СЗО. Влијанието на омикронот врз ранливите популации може да биде значајно, особено во земјите со ниски нивоа на вакцинација” – се вели во извештајот.

Опасноста од брзо ширење на Омикрон ја потврдува и нискиот процент на вакцинација во Македонија. Иако здравствените власти акцент ставаат на имунизацијата, последните анализи покажуваат дека процентот на вакцинирани граѓани е едвај 50 отсто. A дека невакцинираните се најпогодени покажуваат и анализите. Изминатите 4 месеци во земјата од 66.857 дијагностицирани со ковид дури 67 проценти биле без ниедна доза на вакцина. Во истиот период 79 проценти од оние кои ја загубиле битката со вирусот не биле вакцинирани.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста