Странските инвеститори останаа на цедило, од сега наместо поевтини, ќе плаќаат поскапи царини

Владата се уште не им одговорила на странските инвеститори дали ќе ги намали царините. Тие бараа итно решение за царинските стапки и нивно сведување на нивото од ЕУ, но нема кој да ги чуе. Надлежните не ги известиле дали планираат да извршат некои корекции. За овој проблем Алфа праша во министерството за финансии пред неколку дена, но до сега од таму одговор нема.

Царинските стапки на 12 производи беа преполовени во период од 6 месеци, односно до вчера. Сега се враќаат на старо и ќе бидат три пати поголеми од оние што важат во Европската унија.

Ако во Унијата царинските стапки на 12-те производи се движат од нула до 3,7%, во земјава моментално се од 3.5% до 7.5%, а од овој месец ќе бидат помеѓу 10 и 15%. Алфа дојде до дописот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство кои бараат од власта одговор што ќе се прави веќе од овој месец, за да можат да го планираат производството, но барем до сега од таму молк. Компаниите бараат израмнување на царините на ниво на оние во ЕУ.

„Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции во споредба со другите земји-членки на ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкуретни македонските производи. Во Македонија нема домашни компании кои произведуваат компоненти кои се вградуваат во производите кои натаму се извезуваат од Македонија и се увезуваат од земји-членки на ЕУ, но често и Кина, Јапонија и други земји од Далечниот Исток и при увоз од овие земји се плаќаат непотребно високи и нелогични царини.“

Од Владата засега нема најава, ниту конкретен план дали ќе им се помогне на странските инвеститори или ќе ги направат дополнително неконкурентни.

Странските компании со технолошки напредно производство веќе алармираа дека се соочуваат со сериозни загуби поради пандемијата. Тие побараа грантови за големите извозни фирми, 6 месечен мораториум за обврските кои ги имаат кон државата, кои произлегуваат од договорите за државна помош, како и продолжување на субвенциите за исплата на плати.

Инаку, инвеститорите имаат приходи кои достигнуваат скоро 3 милијарди евра годишно и вработуваат 28.000 луѓе.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста