Странските инвеститори бараат предвидливост и конкретна поддршка од владата

Непредвидливоста во економијата за време на корона кризата е она што најмногу му пречи на бизнисот – велат од германската стопанска комора. Мерките на Владата треба да продолжат за компаниите да можат да застанат на нозе, да ги задржат работните места и да продолжат да вложуваат во иден развој – бараат странските инвеститори. Засега нема информации колкави се штетите на германските компании присутни во земјава и за колку го намалиле бројот на работници.

„Состојбата кај германските инвеститори во земјата е различна. Она што можам да го кажам е дека се уште тие размислуваат за нови вработувања, да ги прошират инвестициите. Но како што првично споменав, мора пандемијата и кризата со корона да бид епредвидлива. Се додека знаеме како таа се одвива ќе знаеме дали може да се направи проценка во однос на зголемувањето на капацитетите и инвестициите“ – вели Патрик Мартенс од Делегацијата на германското стопанство во земјава.

Странските инвеститори се пожалија дека Владата се уште не донела одлука да ги намали царинските стапки и тарифите кои се неколкукратно повисоки од оние во Европската Унија. Тие веќе две години бараат државата да им излезе в пресрет. Засега без успех. Министерот за економија Бектеши вели дека се уште се чека министерството за финансии да даде позитивно мислење.

„Нашиот закон за царини и тарифи не е усогласен целосно со царинските стапки на Европската унија. Секако дека ние ги разгледуваме сите можни опции како Министерство за економија. Веќе речиси за секое барање подготвувавме економска оправданост за да се донесе таква одлука, а секако процедурите кажуваат дека треба да се добие позитивно мислење од страна на Министерството за финансии“ – вели Бектеши.

Од германската стопанска комора велат дека трговската размена меѓу двете земји која достигна 4,4 милијарди евра, во време на корона кризата годинава доживува огромен пад. И покрај тоа што компаниите не знаат уште колку долго ќе работат во ограничени услови, добивале позитивни сигнали од германските компании за интензивирање на соработката.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста