Странските инвеститори бараат директна финансиска помош

Странските инвеститори бараат нови мерки за помош на стопанството. Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во писмо до премиерот и ресорните министри побара директна финансиска помош за големите извозни компании и да им додели грантови, односно неповратни пари. Велат дека нивните фирми се значајно погодени од кризата. Освен паричната помош, бараат и 6 месечен мораториум за обврските кои ги имаат кон државата, кои произлегуваат од договорите за државна помош, но и усогласување на царинските стапки.

„Образложението за оваа мерка не е да ги намали обврските на странските инвеститори кон државата, туку да овозможи во овој период полесно премостување на кризата. Плановите за нови инвестиции, креирање на нови работни и задржување на истите во овој период ќе бидат сведени на минимум заради справување со здравствената и економската криза, но истото ќе продолжи после предложениот рок“ – пишува во писмото.

Странските инвеститори бараат да продолжат и субвенциите за исплата на плати. Потенцираат дека во други земји, на пример во Полска државата покрива 40% од овие трошоци, а во Германија 60%. Предлагаат и поврат на дел од бруто трошоците за плати на вработени кои отсуствувале од работа во периодот од март до мај поради донесените мерки.

„По примерот на други земји да се примени модел на кофинаснирање на дел од трошоците за платите за вработените во големите индустриски извозници, односно неповратни 50 отсто од вкупните бруто трошоци за плати на вработени. Максималниот износ за финасиска поддршка се лимитира на 50.000 денари по вработени. Мерката да трае до септември. Пресметките за субвенционирање да се вршат месечно, а исплатата кон корисниците да се реализира одложено т.е. најдоцна до крајот на 2020 или до јуни 2021 година согласно буџетските можности# – велат од Асоцијацијата.

Инвеститорите во зоните сметаат дека мерките треба да продолжат и после месец мај и да важат и за поголемите компании кои вработуваат над 250 лица. Во Асоцијацијата членуваат фирми кои вработуваат 28 илјади луѓе и чии приходи достигнуваат скоро 3 милијарди евра годишно.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста