Странски медиуми јавуваат за бегалски бран на македонско – грчката граница, домашните власти не се расположени да зборуваат

Стотици илегални мигранти секојдневно ги ризикуваат животите обидувајќи се да влезат во земјава, следејќи ја Балканската рута преку Идомени на границата со Грција. Според тврдењата на странските медиуми, во селото Идомени, дневно влегуваат по 200 мигранти, а оттаму, главно доцна навечер се обидуваат да се качат на возовите како слепи патници или да ја пробијат оградата долж границата. А кога тој ризичен потфат ќе им успее и ќе поминат на македонска страна, најчесто ги фаќа нашата полиција и ги враќа назад во Грција.

Алфа се обиде да добие потврда на овие тврдења од Центарот за управување со кризи и од МВР, но на прашањето дали Идомени повторно станува жариште како во 2015-та година и дали во Македонија се очекува нов бран на мигранти, се уште не добивме никаков одговор. И не само тоа, надлежните воопшто не ја информираат јавноста за состојбата со мигрантите во земјава ниту како се справуваат со се поголемиот наплив  на Југоистокот.

Од Центарот за управување со кризи Гевгелија нѐ информираа дека во Транзитниот центар „Винојуг“ во моментов има само 24 мигранти, додавајќи дека немаат право сосила да ги држат внатре, доколку тие самите не сакаат да седат. Велат дека нема заразени со корона од оние кои се во кампот, а се прават и редовни здравствени контроли, но мигрантите не сакаат да останат во Македонија.

Само за потсетување, над 15.000 мигранти влегле во земјава во првите шест месеци оваа година, најголем дел за време на корона кризата. Пред пет години пак, стотици илјади мигранти и бегалци поминаа низ Идомени, каде беше поставен граничен ѕид, а неформалниот мигрантски логор подоцна беше присилно евакуиран.

 

Дијана Тасева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста