Странски инвестиции – лани лошо, годинава бетер, советникот Љубе Бошковски без коментар

Странски инвестиции во Македонија – лани лошо, а годинава бетер. Во првата половина од годинава влегле само 55,6 милиони евра, што е најслабо прво полугодие во изминатата деценија. Во мај и во јуни странските инвестиции се во минус од 13 милиони евра, односно толку си заминале од Македонија.

Ланската година, пак, беше најдобрата за привлекување странски капитал и во првото полугодие од 2018 влегле скоро шест пати повеќе пари отколку годинава, односно 312 милиони евра.

А што прави советникот на премиерот задолжен за странски инвестиции Љубе Бошковски?! Каде е во моментов и што работи? Алфа побара од Владата конкретно што до сега е сработено, но оттаму ни испратија соопштение, каде нема ниту еден конкретен пример која инвестиција и кога влегува во Македонија. Нема ниту конкретен датум на реализираните состаноци, и што Македонија добива од нив.

Од Владата не кажаа ни на што се должи падот на страсните инвестиции. Алфа го побара и советникот за странски инвестиции Љубе Бошковски, кого премиерот месечно го плаќа 50.000 денари, но тој не беше достапен на неговиот мобилен телефон.

Инаку Македонија е се помалку привлечна дестинација за странски инвестиции споредено од пред 3 години.

Од високото трето во 2016, земјава годинава се најде на 18 место на ранг листата на „Фајненшл тајмс“ според атрактивноста за странски гринфилд инвестиции. Според агенцијата, лидери на листата за годинава се Србија и Црна гора.

Невладеењето на правото, поларизацијата на општеството и лошата политичка клима влијае се помалку странски компании да се одлучат да инвестираат во Македонија, велат стопанствениците. Добар дел од нив сметаат и дека лошата политичка состојба во земјава негативно влијае и на секојдневното работење на компаниите, но и на нивните идни инвестиции.

Борис Грујоски