Странци се тестираат за Ковид 19 во Скопје, а до резултатот си шетаат слободно низ градот?!

Најмалку седум косовски државјани, позитивни на корона вирусот влегле и излегле од земјава во понеделникот. Ваква загрижувачка информација до редакцијата на Алфа стигна директно од епидемиолози кои со месеци работат на детектирање на пациентите позитивни на Ковид 19. Според информациите, странците во земјава влегле со цел да се тестираат за вирусот во приватна болница во Скопје, а по добиените резултати си заминале дома. Ова пак го вклучува алармот, каде странците се движеле и со кого се имале контакт во часовите додека ги чекале резултатите од тестирањето. Сепак, резултатите од позитивните тестирања стигнале до центрите за јавно здравје, но според нашите информации тие не влегле во домашната ковид статистика.

Имајќи предвид дека за косовските државјани најинтересни во главниот град се шопинг моловите, тоа не ја исклучува можноста, овие лица кои добиле позитивен резултат на корона вирусот во меѓувреме да биле на шопинг во трговските центри или пак на кафе и ручек со пријатели од Македонија.

Епидемиолозите, кои информацијата ја споделија со Алфа, алармираат дека ова уште повеќе им ја отежнува работата, оти овие лица ниту имаат адреса во државава, ниту пак некој може да го следи нивното движење. Тие утре повторно може да влезат во Македонија бидејќи државата од стартот на месецов ги крена рампите за влез на странски државјани без ПЦР тестови, одлука за која на големо се зборуваше оти предизвикала несогласување и револт кај членовите на Комисијата за заразни болести.

Во меѓувреме, од Комисијата дури утрово стигна вест дека ќе препорачаат на Владата од утре да се забрани влез за државјаните на Србија, Косово и Босна и Херцеговина кои нема да покажат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Инаку, земјите во регионот веќе преземаат мерки за спречување на вториот бран од корона вирусот. Така Србија, покрај тоа што воведе вонредна состојба во 16 градови во земјата, донесе и одлука за нов полициски час во земјата зе време на претстојниот викенд.
Црна Гора пак се одлучи на карантин за српските државјани, а Грција ги спушти рампите за Србите, но и забрани летови меѓу Грција и Србија, откако во земјата половина од ново дијагностицираните пациенти се покажа оти биле српски туристи.

Биљана Божиновска