Стотици граѓани се придружија на маршот за чист воздух во Скопје

„Сакаме чист воздух“, едногласно извикуваа стотиците граѓани кои во многу поголем број за разлика од првиот пат, излегоа на скопските улици за да го бранат своето право за нормално живеење. Носејќи транспаренти и заштитни маски, граѓани, кои главно млади, ја поминаа веќе утврдената рута од Министерството за животна средина преку Собранието до Владата на вториот марш за чист воздух, наречен марш за живот.

– Ги потсетуваме овие институции дека имаат неизвршени обврски кон своите граѓани. И гласно и јасно ќе ги потсетуваме дека нема така лесно да се откажеме и дека ќе се бориме, зашто сите ние овдека имаме право на чист воздух. Оваа поддршка што ја имаме овдека вечерва, тоа е историја, кажаа дел од говорниците на протестот.

Дел од маршот беа и средношколците, кои денеска, делумно ја бојкотираа најавата како поддршка за протестот.

И токму поради закани, скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја разреши директорката на гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, по објавената снимка каде што таа на учениците во холот од гимназијата се заканува на учениците ако излезат на протест.

Дека врз средношколците се вршеше притисок, а им беа упатени и закани од директорите, сведочеа и овие деца, кои пред камерата на Алфа рекоа дека нема да потпаднат под притисоци.

– Се надеваме дека возрасните ќе бидат доволно возрасни да можат да се борат со ваквите проблеми кои тие ги создаваат. Проблемите кои тие ги создаваат ги оставаат да ги решат идните генерации, а тие идни генерации сме ние. Ние средношколците и студентите треба да се бориме со нивните проблеми. Ние знаеме и можеме и кажуваме како соодветно да се среди проблемот со загадениот воздух. Гласно и јасно кажуваме дека секојдневно ќе ги потсетуваме овие институции дека имаат неизвршени обрски кон нивните граѓани и дека нема толку лесно да се откажеме и дека ќе се бориме, бидејќи сите имаме право на чист воздух, порачаа средношколците и студентите.

Претставниците на невладините организации најавија дека протестите ќе продолжат се до исполнување на сите барања и ги потсетија надлежните дека на 31 декември им истекува првиот рок за исполнување на над 100-те барања за чист воздух. Посочија дека протестите ќе се прошират во сите градови, зашто чистиот воздух им е потребен на сите под еднакво.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста