Сторија за дното на животот во центарот на Битола

              

Кога се живее искинато парче живот во кое двочлено семејство се прпелка на дното и кога сето тоа се случува во самиот центар на Битола, во најмала рака е потресно и згрозувачко. Шеесет и шест годишниот Ирфан Зејноловски и неговата педесет и тригодишна сопруга Валентина, живеат во руинирана социјална зграда, каде  с`е се распаѓа и во која нема елементарни услови за живот. Пред шест години им изгоре куќата на Бајрот и од тогаш се тука, само со социјална помош и помош за нега на болен. Валентина е тешко болна и непокретна.

  • Жената е во тешка ситуација со памперси, ќе видите горе како живееме. Комшијата ни даде еден кауч, целиот мочиј, џврка и немам никаков излез. Ја имаше оперисано главата и нема дел од коската. Ќе зборни два збора и се губи- рече Иљфан Зејнеловски.

Некогашната шифачка во грчка текстилна фабрика, сега е целосно онемоќена и што би се рекло, под неа арно- под неа лошо, со години неизбањата и околу нејзе полно муви, непријатна реа и зараза и со невидена нечистотија.

  • Лежам и притисокот работи. Порано работев во “Родон“ кај Грците. Таму беше тешко и напорно, нон- стоп под страв. Сега нон- стоп лежам- ни рече немоќната Валентина.

Најчесто гладни, со скудните пари, препуштени се не милосрдието од комшиите.

– Само социјалното и негата за жената, со седум илјади е многу тешко. По некогаш комшиите ни даваат леб- рече Иљфан Зејнеловски

Барем засега, препуштени се на бирократските параграфи во кои Иљфан бара постојана парична помош, а инертноста на институциите како по обичај секогаш удира таму каде што е најтенко.

  • Државата треба да ни помогне. Тие најчесто им даваат пари за нега на здрави и читави, а ги гледам по тезгите од пазарите. Од Центарот за социјална работа велат во Скопје и бегаат неодговарајќи ништо. Пушат цигари надвор и пијат кафе, ништо не ги интересира- рече Зејнеловски.

Од Центарот за социјална работа велат дека овие предмети ги решава Комисијата за утврдување на работоспособност која во услови на пандемија,  работи во отежнати услови. Инаку, со овој случај се запознати социјалните работници и ги имаат посетено, а Иљфан им се заканувал дека доколку не им ги зголемат дотациите ќе ја остави Валентина, па тие нека се грижат за неа.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста