Стопанството на удар – владините мерки малите и средни претпријатија ги доведуваат до банкрот

И трговците на мало се жалат дека владините мерки сериозно ќе удрат на нивното работење – намалувањето на маржите во трговијата не е решение. Велат дека ова во комбинација со зголемениот минималец и прогласувањето на недела за неработен ден ги доведува до работ на егзистенцијата. Размислуваат и за отпуштања.

Намалувањето на маржите во трговијата негативно ќе се одрази врз работењето на малите и средни претпријатија, кои ги има и најмногу во земјава, реагираат бизнисмените. Горан Георгиевски, од Сојузот на стопански комори за Алфа вели дека ограничувањето на заработката во комбинација со растот на минималната плата и неработна „недела“, свесно ги турка компаниите во бездна.

Од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија алармираат дека нивните барања до власта како антикризни мерки за намалување на ценовните шокови е субвенционирање на електрична енергија и достапност до пченицата од стоковите резерви за мелничко-пекарската индустријата, за да нема поскапувања на производите, кои ги диктираат светските берзи, вели за Алфа Горан Георгиевски од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Лебот, зејтинот и брашното тип 400 од сега ќе се продаваат по набавна цена, додека за другите основни прехранбени производи маржата се намалува на 4% во трговијата на големо и на 3% во трговијата на мало.

  • Целосно укинување на маржите за овие три производи не важи за трговците на големо, зошто сите трговци на мало во нашата држава се снабдуваат од страна на производителите. Нема да имаат загуби од овие производи, само нема да имаат профит од овие производи и станува збор само за три продукти, рече Бектеши.

Ограничената маржа ќе биде тргната од овошјето и зеленчукот, бидејќи анализите покажале дека цените на овие производи ќе се намалуваат, вели Бектеши. Земјава од денеска забрани извоз на масло за јадење кон сите земји за да има доволно количество за нашите потреби.

Владините мерки ја ограничија заработакта на трговците, но не успеаја да ги спречат поскапувањата зашто набавните цени на сите производи се веќе зголемени.

Од Министерството за економија велат дека како дополнителна времена мерка се забранува и извоз на зејтин, а постои можност тоа да се направи и за брашното, пченката и пченицата. Проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државава се извезени 330 тони зејтин.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста