Стопанствениците од Пелагонија бараат реализација на ветените проекти инфраструктурни проекти

      Остануваат ли да висат во воздух ултимативните барања на пелагониските бизнисмени за приоритетно автопатско решавање на патниот правец Велес-Дервен-Прилеп-Битола-Меџитлија, кои преку остар, јавен допис, упатен до Владата, беа изразени уште пред дваесетина дена?! Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на средбата која се одржа на барање на стопанствениците, избегнувајќи конкретно да одговори на новинарското прашање како мислат да го решат овој проблем во тековнава година, кога истиот не беше ни ставен во програмата за 2021 година, се оправда дека тоа било само впечаток на бизнисмените.

  „Сите овие проекти се во програми. Не е точно дека не се во програма. Програмата на ЈП за Државни патишта е јавен документ. Во таа програма се ставени и Прилеп-Битола, проектирање, физибилити студија, отпочнување на сите постапки и продолжување на експресните патишта Градско-Дреново-Фариш, секако Плетвар преку ИПА-програмата, и Прилеп до Ленишка река. Впечатокот може да биде еден или друг…“, – рече министерот Благој Бочварски.

    Спротивно на ова пак, пелагонските стопанственици беа децидни во својот допис дека патната инфраструктура во пелагониско, за оваа година е изземена од Годишниот план, особено и заради тоа што тие бараат автопатско решение на патот Велес-Битола, преку Дервен, па се до Меџитлија, а не само реконструкција на веќе постоечките патишта.

  „Ни треба нас автопатско решение…Министерот најави за 2021/22 година автопатско решавање на патот Прилеп-Битола, што е многу важно, најави дека ќе се изгради за 2021 година правецот Дреново-Градско, и и тој е многу важен, меѓутоа, економски развој во кој што ќе имаме странски инвеститори без инфраструктура современа, а тоа е автопат…Во 1996 година беше прокетиран, а и се уште постои тој Коридор со автопат 10Де, тој беше проектиран точно од Велес-Дервен-Чашка- Прилеп за Игуменица. Така што, тој автопат е навистина тој правиот автопат“, – изјави претседателот на Регионалната стопанска комора од Битола, Мирко Велковски.

   Инаку, пелагониските бизнисмени, на крајот од минатиот месец реагираа поради изоставувањето на овој регион од годишниот план на Владата за инфраструктурни зафати во 2021 година, иако токму Пелагонскиот регион е втор по големина во земјава во придонесот на формирањето на БДП во Македонија, со скоро 13 %.                                                                                           

Каролина Дурло

Advertisements