Стопанска Комора: Владините мерки го загрозуваат функционирањето на трговците со нафта

Со секој продаден литар генерираме загуби, продажната цена е пониска од набавната – трговците на нафта обединети во Стопанската комора апелираат итно да се изнајде решение и да се ревидираат владините мерки со кои маржата беше скратена за 33%. Оттаму велат дека со тоа се доведува во прашање егзистенцијата и понатамошното функционирање на трговците како и целиот енергетски пазар.

„Деловните субјекти од овој сектор ја поздравуваат одлуката за дневно регулирање на цените на нафтените деривати, но забележуваат на намалувањето на трговската маржа за 33%, која од 4,5 денари сега изнесува 3 денари од литар што претставува историски најниско ниво на досега утврдена трговска маржа кај трговците со нафтени деривати“ велат од Стопанската комора.

Нафтените компании забележуваат и дека е нејасно зошто рокот за враќање на маржата не е ставен во изменетиот правилник. Прашуваат зошто во еден момент регулаторот вели дека ќе се сменат маржите кога ќе се сменат законите а од друга страна дека сепак тоа ќе зависи од цената на светските берзи.

„Со ова се влева недоверба кај трговците кои набавката на дериватите ја финансираат со сопствени средства“ се наведува, меѓу другото, во соопштението од Комората.

Компаниите од овој сектор велат и дека во целиот изминат две годишен период на траење на кризата предизвикана од Корона вирусот, не ги користеле владините мерки за поддршка и затоа нивното размислување е дека сега не е момент да се креираат мерки со кои ќе се обременува нивното работење.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста