„Стопанска комора” бара од „Македонска берза” одложување на новите правила за котација и кодекс за управување

Компаниите бараат одложување на новите правила за котација и на Кодексот за корпоративно управување. Стопанската комора на Македонија како најголема бизнис-асоцијација во државата повторно бара од Берзата одлагање на Одлуката за измени и дополнувања на Правилата за котација и на Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва, кои стапија на сила од 26 октомври годинава. Комората бара одложувањето да биде до пролетта 2023 година, со вградување на соодветната Изјава во годишните извештаи за работа за 2022 година.

  • Првичната иницијатива е испратена од Стопанската комора на Северна Македонија на ден 3.11.2021 година во која покрај одложувањето на примената, се наведува дека процесот на донесување на Кодексот е спроведен без консултација на бизнис заедницата. Одговор од Македонска берза А.Д. Скопје е добиен на 15.11.2021 година, во кој наведуваат дека постојната временска рамка за почеток на примена на Одлуката за измени и дополнувања на Правилата за котација на Македонска берза, донесена од страна на Одборот на директори на Берзата на 20.09.2021 година, и новиот Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва на Берзата не треба да се менува и дека процесот на донесување на кодексот бил транспарентен и во консултација на котираните друштва, вели меѓу другото Анета Трајковска, Потпретседателката на Стопанска комора на Македонија.

Со писмено обраќање до Берзата, Комората испраќа порака: Послушајте го гласот на бизнисот. Со дописот доставена е и иницијатива за одложување на новите правила за котација и на новиот кодекс, своерачно потпишани од котираните друштва.

Стопанствениците додаваат дека со оваа иницијатива компаниите потврдуваат дека немало консултација со бизнис заедницата и укажуваат дека работат во тешки услови на здравствена, економска и енергетска криза, која наметнува огромни активности насочени кон одржување на деловната активност, односно зголемување на конкурентността, како и настап на странски пазари. Поради тоа сметаат дека повеќе од потребно е да се излезе во пресрет на оваа иницијатива. Инаку, со ова барање Комората првпат се обратила до Берзата минатиот месец.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста