„Стоп за патот на смртта“ – жителите на Трубарево на протест по тешката сообраќајна несреќа
„Вози како секое дете на улица да е твое“ и „Крени го својот глас за посигурно утре“ – беа само дел од паролите со кои жителите на скопско Трубарево излегоа на протест по тешката сообраќајна несреќа која зеде две жртви. Револт, тага и бес, жителите искажаа кон институциите кои со години не го решаваат проблемот со небезбедниот сообраќај. Допоплнителна сообраќајна сигнализација и зголемена контрола на полицијата побараа од државата, за да престанат сообраќајните инциденти во кои умираат невини.
„Бараме зголемена контрола на полицијата и дополнителна сигнализација на овој патен правец. Сите кои ќе направат прекршок да бидат санкционирани, а од локалната самоуправа бараме да најдат решение да се регулира брзото возење, со сообраќајни платформи“ – вели организаторот на протестот Игор Атанасовски.
Патот на смртта, го нарекуваат жителите регионалниот пат кој ги поврзува Трубарево и Петровец каде многумина ги загубиле животите. Последниот немил настан беше во неделата кога поради несовесен граѓанин под дејство на алкохол животот го загубија 10 годишно дете и мотоциклист на 40 годишна возраст.
Со години наназад жителите реагирале до надлежните, но од таму, до сега молк. Велат дека ќе продолжат да протестираат се додека не ги слушнат нивните барања. Според нив, последното решение би било овој пат да се тргне од листата на регионални патишта, за локалната власт да има ингеренции да постави семафори или друга сигнализација. Побараа и измени во законот за сообраќај, со кои, секоја сообраќајна несреќа ќе се третира како убиство со умисла доколку има смртен исход.
Адријана Алексиеска