„Стоп за извршителите“ – нов протест, стари барања, но нема кој да ги чуе
По којзнае кој пат членовите на здружението „Стоп за извршителите“ протестираа пред Mинистерството за правда жалејќи се на работењето на извршителите и на законот за извршување. Велат поради заостанати долгови и високи камати, извршителите секојдневно им тропаат на врата. Бараат ветинг за нив, но и ревизија на целиот процес на наплата.
„Се обидуваат во Министерството за правда да направат промени во законот со кој дел од членовите би биле нови во корист за граѓаните. Но, велат не можат да бидат ретроактивни. Не можат да имаат повратно дејство. Тие тужат ретроактивно, а не сакаат ретроактивно да направат закони. Ако донесат нов закон за нова висина за камата, таа нова висина би требало да важи ретроактивно“, рече Ана Глигорова, иницијатива „Стоп за извршители“.
Од Правда остануваат на ставот од претходно, дека барањата се во фаза на разгледување како и дека најголем проблем со извршителите се големите камати. Од организацијата „Стоп за извршители“ порачаа дека нема да се смират додека не се најде решение за нивните барања и дека ќе протестираат се додека надлежните не се согласат и преземат конкретни мерки.
Ања Василева