Столтенберг и Советот на НАТО денеска и утре во Скопје – Какви пораки носат?

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и целиот Северноатлантски совет (НАК) во кој се амбасадорите на сите земји членки на Алијансата доцна попладнево пристигнуваат во дводневна посета на Македонија. Утре со највисоки државни и воени почести ќе бидат пречекани во Владата каде ќе имаат средби со државниот врв во врска со процесот на пристапување на земјата во Алијансата, како и за напредокот во реформите. Во рамки на посетата ќе се одржи заеднички состанок на НАК со Комитетот за интеграција во НАТО, со кој претседава премиерот Зоран Заев.

– За време на посетата на Северноатлантскиот совет, очекувам да разговараме за интеграцијата на Северна Македонија во Алијансата и вашиот напредок во главните реформи, вклучително и владеењето на правото, безбедноста, разузнавачкиот и одбранбениот сектор. Важно е да се продолжи чекорот во реформите додека се подготвувате за полноправно членство, а ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на овој пат, изјави Столтенберг пред доаѓањето во Скопје.

Столтенеберг и високите претставници на НАТО доаѓаат во прва посета на Скопје по потпишувањето на протоколот за членство на земјата во Алијансата. Таа е предвидена и како поддршка за големата воена вежба „одлучен удар“ која треба да се одржи на Криволак, а на која ќе земат учество повеќе земји членки на Алијансата. Сепак, според експертите, Столтенберг во Скопје нема да дојде само за да ја провери воената моќ на АРМ и да даде поддршка на реформите, туку и за да сподели одредени информации со македонските власти околу системот на функционирање во НАТО и во врска со геостратешките насоки на делување на оваа организација.

– Ќе земете учество во развојот на политиките на НАТО. Вашиот глас ќе биде исто важен колку секој друг сојузник во носењето на одлуките кои треба да ги сочуваат безбедноста и просперитетот на нашите земји. Безбедноста е основа на просперитетот – порача генералниот секретар на НАТО.

Од февруари кога е потпишан Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО, досега го имаат ратификувано 14 земји – членки. Македонските власти очекуваат ратификацискиот процес да заврши пред Самитот на Алијансата закажан во декември во Лондон.

Драган Милосављевиќ