Стоилковски: Режимот на Заев лажира податоци за епидемијата заради политички зафати

Македонија официјално пласирала неточни односно лажни вести поврзани со КОВИД пандемијата во земјата. Организацијата Американски совет за наука и здравство во својата детална анализа за тоа кои држави ги лажирале податоците, ја наведува и Македонија во државите чии што податоци и известувања поврзани со КОВИД епидемијата се фабрикувани, лажирани или погрешно пренесени. Во рангот на Белорусија, Таџикистан, Бангладеш, Бутан или Камбоџа, изјави денеска во коментар на денот, порптаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој вели дека ова е уште една реномирана институција која што ја сместува оваа власт, режимот на Заев, во групата на пласирачи на лажни вести!

– Ако тука, домашните анализи за лагите и манипулациите поврзани со епидемијата само и само за политичките потреби на Заев да се одржи во фотеља беа неважни, еве сега нека го демантираат овој американски извештај! Всушност, да потсетам, постојано укажувавме дека Заев и режимот ја злоупотребуваат ситуацијата за делење на предизборен поткуп, потоа за организирање на избори среде епидемија, па потоа повторно да се организираат локални избори во Штип и во Пласница во услови на најголеми бројки на заразени, а сега во надоаѓањето на новиот бран на мутираниот вирус да турка и онака сомнителен попис! Режимот на Заев лажира податоци за епидемијата заради политички зафати, посочи Стоилковски.

– Сето ова влијае и кон разбирањето за односот на Заев и режимот кон набавките на вакцини. Лагите на Заев и на Филипче во ноември и декември, веќе се демаскирани, ниту има вакцини нарачани од Грција или пак Бугарија, ниту стигнаа пратки од кај нив, наводите од Филипче дека се нарачани од Фајзер ама не смеел да каже бројка, исто се покажаа како лаги. Врв на демаскирањето на лагите беше молкот на режимот кон Белград од каде стигна порака дека можеби во Македонија некои веќе се вакцинирале нелегално со вакцините од таму. На сето тоа, Радмила Шекеринска, сивата еминенција на режимот прво порачува дека за компаниите сме биле мали за да нарачуваме, па дека очигледно се следела геополитика но тоа сега се напуштало, па дека режимот не сакал од народот да прави заморчиња, а пак сега вели не знаевме колку луѓе би се вакцинирале? Од лага во лага, во обид да се испере очигледното, потенцираше тој.

Стоилковски тврди дека Македонија тоне во корупција.

– Се зборува за можен обид за корупција и во набавката на вакцини, а здравствената состојбата им одговара заради спроведување на политички зафати во изборна година, а за сето тоа сега се гледа дека се манипулирало и се уште се манипулира и со фактите и прикажаните бројки! Јасно е како бел ден! Односот на една власт кон здравството во целина е јасен показател за тоа дали воопшто се грижи за народот, или само за задоволување своите лични потреби на функционерите во власта! Македонија е водена од меѓународно препознаен режим, кој што тоне во корупција, државата ја тоне во бездна, а луѓето во пандемија се оставени сами на себе! Ова е срамно, оставки се најмалата работа што се потребни, но од режим тоа е незамисливо. Потребно е итен пад на овој тежок корумпиран режим кој што граѓаните ги турка во смртоносна опасност, додаде тој.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста