Стивнува ковид пандемијата во источниот регион

Болниците во Источниот регион се враќаат во нормала. Модуларната болница  во Кочани е затворена, а во штипскиот КОвид центар се хоспитализирани десетина пациенти. По шеснаесетмесечната борба со пандемијата работите конечно го заземаат правиот тек. Хирурзите се вратија во салите, а до крајот на месецот ќе се почне и со операции на очното одделение. Добрата епидемиолошка слика во регионот  даде  зелено светло и за реконструкција на инфективното одделение. Со пари од европските фондови се прави целосна смена на прозорците и вратите, а зградата ќе добие и централен довод на кислород.

  „Ќе биде поставен централен довод на кислород со сите кревети во Инфективно. Ќе биде поврзана со цистерната за течен кислород кај модуларарната болница„-изјави д-р Ален Ѓеоргијев, директор на КБ-Штип.

Мирно е и пред вакциналниот пункт во Штип. Речиси десетина дена се врши само ревакцина. Вакцини за прва доза засега нема. Гужвите и турканиците се очекуваат во понеделник за кога е најавено да пристигнат нови дози на Фајзер или Синовак.

  „До сега околу 95% од закажаните за ревакцина се имунизирани . Според планот и утре ќе работиме ревакцина, со што бројот на вакцинирани граѓани од регион ќе достигне над 20.000. Имаме најава дека од понеделник ќе пристигнат нови вакцини за прва доза„ -изјави д-р Дијана Коцева Милановаа, координатор на вакцинален пункт-Штип.

Штип долго време беше на листата градови по најмногу заболени од ковид 19. Вирусот неконтролирано се ширеше меѓу конфекциските работници кои беа приморани до работните места да патуват во полни автобуси, за кои општинските напишаа минимални казни.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста