Стигнува цената за попустливоста на македонската власт: Грција бара работи што не се дел од Преспанскиот договор

Македонската попустливост секојдневно ги зголемува апетитите на соседите. Најновото барање на Грција, Северна да мора да се користи секаде, па дури и на интернет порталите, воопшто не е дел од Преспанскиот договор. Сосем спротивно, во членот 7 се објаснува на кој начин смееме да го користиме терминот Македонија, без придавката.

 ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОР ЧЛЕН 7

1.Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2.Во однос на Првата страна (Грција), овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

3.Во однос на Втората страна (Македонија), овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Македонија досега исполни речиси се од она што Димитров и Коѕијас го потпишаа во Преспа. Променети беа имиња на институции, брусени шахти каде стоеше сонцето од Кутлеш, променети беа таблите каде стоеше Република Македонија. За разлика од нас, јужниот сосед има многу помалку обрвски, но ни тие не ги исполнува. Па така на таблите во Грција наместо да стои новото име, се уште стои Скопје.

Она што повеќе загрижува е што македонската страна воопшто не реагира на потезите на Атина, која не исполнува ништо, а бара нешто што не стои во преспанскиот договор. Наместо реакција, се изразува задоволство.

-Како непосреден сосед кој воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји, изјави Османи.

Ова доаѓа во моменти кога повеќе од она што е договорено бара и Бугарија. Од таму пораката е дека мора да се потпише анекс договор, со кој ќе се прифатат новите бугарски услови, доколку Македонија сака напредок на патот кон Европската унија.

Матеја Петровски