Стигнаа налепниците со „НМК“, уште од изутрина има метеж пред станиците за технички преглед
Метеж во станицaта за технички преглед на автомобили во Штип. Налепници има, ама и револтирани возачи кои во редици чекаат за да ги заменат ознаките на регистарските таблички. Брзаат да го испочитуват рокот за замена, кој е вечерва до полноќ..
- „Сега е 10часот, а јас не можам да отидам на работа. Тоа е малтретирање на луѓето! Не е само ова, и лепенки и пасош, за било што и да е. Се можеше да се направи тој моменет кога вадевме нови регистрации. Тогаш требаше налепници. Јас не знам што е оваа работа. Само народот да губи време и да се малтретира. Штом си немаме држава, така ќе биде„ реагираат граѓаните.
Има огромен интерес велат од штипски Автомото сојуз. Изминатите денови имале и по 300повици на ден од граѓани кои барале промена на налепниците во НМК. Има четири видови на налепници, во зависност од превозното средства. Ќе се прави и евиденција на кои се доделени истите. Дополнителен проблем е начинот на кој се поставуваат. Тоа не може да го направи самиот возач, туку треба лично да појде во станицата кадешто под видео надзор, контролорот ќе ја залепи налепницата.
- „За мене тоа е лично парадирање и нема никаков основ. Или имате или немате налепници. Која е логиката тоа да се прави на камера не знам, но така одлучила државата, така ќе се прави„ изјави Роберт Рогожарски.
Освен налепница на автомобилите, граѓаните со новото име треба да имат возачка и сообраќајна.
- „Возачката уште не сум ја продолжил, а мора и тоа да го направам.Утринава бев да ја средам и личната карта, имаше голема редица. Ќе имат оправдание и повод како да не казнуват. Немаш сменета возачка дозвола и ќе те казнат, а всушност мојата возачка се уште важи„реагираат граѓаните
Во случај на настаната штета при сообраќајна несреќа, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета. Засега не се знае колкав е бројот на автомобили чии регистарски таблички треба да добијат нови налепници.
Александра Ристевска