Стечајот на „Еуростандард“ ќе го води Душко Тодевски, прво рочиште за долговите на 8-ми октомври

Стечајната постапка за „Еуростандард“ банка се отвора в петок, соопшти надлежниот Основен граѓански суд во Скопје. За стечаен управник е назначен Душко Тодевски, а првото рочиште за доверителите и долговите ќе биде одржано на 8-ми октомври.
– Ве известуваме дека со Решение С.Т. – 123/20 од 14.08.2020 на овој суд е усвоен предлогот за отворање на стечајна постапка над должникот Еуростандард банка АД Скопје и за стечаен управник е определен Душко Тодевски од Скопје. За предметот е закажано рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања и извештајно собрание на доверители на ден 08.10.2020, во 13 часот, во судница II, I кат, велат од судот.

Дека Трифун и Коста Костовски знаеле за се што се случува, реагираше и претседател на Управниот одбор на „Еуростандард“ Николче Петкоски. Тој во телефонски разговор за Алфа рече дека за пропаѓање на банката виновник бил Трифун Костовски. Бара и јавно извинување за изречените невистини, во спротивно ќе се обрати до институциите за заштита на неговите права и углед.
Дека граѓаните, со депозите до 30.000 евра, на време ќе си ги добијат парите, потврди и првиот човек на Фондот за депозити. Тој рече дека за над оваа сума, ќе се решавало откако ќе се отворела стечајната постапка на банката.

– Граѓаните ќе ги добијат парите на време. Фондот располага со доволно финансиски средсва доволно за да ги исплати сите депоненти на „Еуростандард“ банка, во висина до 30.000 евра по лице. Еве тоа што е најново е дека судот излезе со решение со назначување на стечаен управник, а од утре стечајниот управник може да почне да го изготвува финалниот список на депоненти кои треба да бидат обештетени. Фондот од кога ќе го добие списокот ќе моеже да почне да исплатата на депоненти. Ние до тогаш ќе имаме избрано банки преку кои ќе се врши исплатата. Доколку депонентите имаат над 30.000 депозит – до 30.000 ќе биде исплатен од фондот, а над оваа сумаќе се обештетат од страна на стечајната маса, вели за Алфа директорот на Фондот за депозити, Борче Хаџиев.
Претходно, министерката Нина Ангеловска изјави дека биле лаги информациите дека ги повлекла парите од „Еуростандард“ или пак дека ги префрлила во други банки. Министерката за финансии вели дека не биле точни ниту сумите кои ги објавиле медиумите. Таа уверува дека уште минатата година над половина од депозитите биле вложени во инвестициски фонд.
Антикорупциска ќе отвори предмет за министерката за тоа дали имала инсајдерски информации кои ја поттикнале навреме да си ги спаси парите. Оттаму велат дека од анкетните листови доставени од Ангеловска се гледа дека од 250-те илјади евра кои таа ги имала во „Еуростандард“, во јануари било пријавено дека повлекла 8 милиони денари, а последната промена била направена во јуни, неполни два месеци пред пропаста на банката.
Критики кон Ангеловска упати и поранешниот гувернер Петар Гошев. Според него, министерката имала интерни информации дека банката пропаѓа и ја искористила службената положба.
За одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард“, сопственикот Трифун Костовски најави дека ќе поднесе тужба кон Народната банка. И од Народната банка обвинија за лаги и клевети и рекоа дека ќе ги преземат сите законски мерки за да ја заштитат репутацијата на монетарната власт.
Борис Грујоски