Ставовите на Заев копаат длабоко по историските рани

Тврдењата на премиерот Заев дека Бугарија била администратор и пријател, а не фашистички окупатор длабоко и болно копаат по истористите рани. Социјалните мрежи преплавени – Заев најостро осуден. Констатациите на првиот човек на Владата длабоко продреа во минатото. Со очај и бес, преку безброј примери реагираа луѓе чии предци биле жртви за време на антифашистичките борби.
Слика од нејзиниот убиен дедо објави Кали Јовчевска – внука на Раде Јовчевски – Корчагин. Пишувајќи за тажната и болна историја на Македонија, Јовчевска изрази револт кон премиерот, кој според неа, подолг период работи на негирање на постоењето на се што е поврзано со македонската историја. Вели, нејзиниот дедо не се борел за Бугарија, туку против бугарскиот фашизам.

„Е па, оваа слика е убиството на мојот дедо кој е убиен од бугарската „администрација”. Така, пријателски, додека е пукано од нивна страна во него, извикуваат: „Еве ти ја слободата” – пишува Кали Јовчевска.

Заев газејќи по антифашистичката историја, предизвика гнев и кај внуката на револуционерката Мирка Гинова, која е првата жена стрелана од политички причини и која се борела против фашизмот.

Ве молам некој нека го прибери овој глупак! Овој е толку неписмен, што не смее да му се дава право да кажи ништо повеќе од добар ден и пријатно. Се помoча на сите кои го загубиле животот од бугарските фашисти и на нивните семејства кои сега слушаат како овој глупак ја обезвреднува и брише анти-фашистичката историја – пишува Билјана Гинова

И не реагираа само семејства на народни херои. Изјавите на премиерот предизвикаа гнев и кај луѓе чии семејства на различен начин биле жртви на фашистичкиот окупатор.

„Бугари го имаат убиено прадедо ми, му влегле во дневна само затоа што бил малку поимотен во селото. Коските на друг мој прадедо лежат во костурницата во Куманово. Борец во народноослободителната борба во Македонија против фашизмот. Овој партизан се се борел против бугарските фашисти од свои 14 години. Ја оставил младоста и здравјето, три пати ранет“ – пишуваат граѓани на социјалните мрежи.


По интервјуто кое ја запали јавноста, на социјалните мрежи континуирано се објавуваат слики од партизани кои се бореле против фашизмот, а луѓето споделуваат и приказни од дедовци и прадедовци кои животот го загубиле поради т.н бугарски „администратор“.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста