Статистика задоволна, опозицијата информација за масовен бојкот на пописот, граѓаните сомничави зашто не ставаат потпис

На 10 дена пред крајот на најголемата статистичка операција во Македонија, бројот на попишани лица во земјава се искачи на над еден милион, соопштија од  Државниот завод за статистика. Заклучно со вчерашниот ден до 20 часот, биле попишани 1.037.309 лица, 323.286 домаќинства и 438.705 станови.Од дијаспората преку апликацијата за самопопишување  се регистрирале 193.370 лица.

Но веродостојни ли ќе бидат податоците ако се знае дека попишуваните лица не оставаат никаков рачен потпис на податоците кои ги споделуваат?

Може секој лице, секој граѓанин, кое што присуствува на пописот и се попишува може податоците да ги провери сам лично кои се внесени внатре. Според тоа останува дека тоа е една доверба на она што е внесено внатре и е веродостојно. Граѓанинот податокот го потврдува сам а попишувачот е должен да го внесе во базата на попишано население на државата- вели за Алфа, Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС.

Истовремено, од политичката партија Левица објавија дека над 200.000 Македонци одбиле да се попишат, а за да пописот и неговите резултати бидат невалидни доволно е да недостасуваат податоците од само 50.000 граѓани, затоа што таа бројка влијае на конечните резултати, односно може да даде погрешни проценти. 

Од ДЗС демантираат: граѓаните масовно се попишувале, а бројките за наводни одбивања за попишување биле измислени, целосно неточни и немале никаков допир со реалноста.

Експертите сметаат дека доколку не постоеја техничките проблеми со пописната апликација на самиот старт, досега ќе биле попишани над 1 милион и 200 илјади граѓани.

Пописот започна на петти, а треба да заврши на 30 септември.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста