Старата локална власт во Прилеп си заминува со купишта неостварени проекти, новата најавува ревизија

Набавката на четирите градски автобуси за фрапантни еден милион евра, изградбата на 10-метарскиот мост кај „Сточен пазар“ со цена на чинење од неверојатни 800.000 евра, се уште недоизградената Детска градинка во вредност од 133 милиони денари, се само дел од проектите на локалната власт во заминување, a за кои ќе следи ревизија веднаш по преземањето на функцииите од страна на новоизбраните органи на власта. „Ние, и како досегашна опозиција, постојано укажувавме на овие злоупотреби, но власта не сакаше да не’ слуша“, вели Дејан Проданоски, досегашен советник во Советот на општина Прилеп и иден претседател на Советот.

„Проектите кои што претходната власт ги водеше, односно ги спроведе, не само што ја нарушија функционалноста во градот, меѓутоа ја нарушија и добрата финансиска кондиција во која што Локалната самоуправа беше оставена пред четири години….Ние презедовме чекори и како опозиција, поднесени се кривични пријави за она што сметавме дека е нарушено, нарушен и прекршен Законот. Сметаме дека органите на прогонот ќе излезат во пресрет и ќе ги разгледаат случаите со кои ние пред нив излеговме со допис, односно со кривични пријави…“, – вели Дејан Проданоски, носител на Советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ.

Проданоски тврди дека во моментов ЛС е во незавидна финансиска кондиција, но вели дека за точната состојба, ќе се знае по увидот во финасиските книги, по што ќе следат и соодветни мерки на одговорност.

„Реваншизми нема да има, меѓутоа за секој еден кој што се огрешил, а прифатил да извршува јавна функција, верувајте дека мора да има санкција и тоа да биде поука и за тие што завршиле со функциите, меѓутоа и сериозна поука и сериозен укор и за оние сега, односно ние, кои ги преземаме овие јавни функции..“ – објаснува Проданоски.

Инаку, како што е познато, општина Прилеп избра градоначалник и советници уште во првиот изборен круг. Градоначалничкиот мандат и мнозинството со Советот, со 15 советници го доби ВМРО-ДПМНЕ, додека 10 советнички места освои СДСМ и две – Левица. Примопредавањето на власта се очекува да биде во текот на престојната седмица.

Каролина Дурло

Advertisements