Стануваат ли туристичките центри нови жаришта на Ковид -19?

Стануваат ли домашните туристички центри нови жаришта на Ковид 19? На социјалните мрежи деновиве кружат загрижувачки видеа и фотографии – продолжениот празничен викенд ги пренатрупа езерските крајбрежја. Споени лежалки, залепени пешкири, забави на плажа каде не се почитуваат мерките. Докторите се согласни, иако вирусот тешко се пренесува на отворено, младите мора да бидат внимателни, оти лесно може заразата да ја донесат дома.

„После вакви дружби по туристичките места, сето тоа зачинето со непочитување на мерките, би можеле да очекуваме кластер плажи, кластер журки. Уживањето на плажа е ОК, но мене повеќе ме загрижува чуството на емпатија кај тие млади луѓе, кога ќе се вратат дома, зарем не мислат дека ако се инфицираат може да го пренесат вирусот на постари членови од семејството. Ако очигледно ним тоа не им е грижа, сепак би рекол дека постојат институции во државата кои што треба да си ја вршат конечно својата работа и да контролираат и да казнуваат по потреба“, вели епидемиологот Драган Даниловски.

И министерот за здравство Венко Филипче алармира оти пандемијата е се уште активна.

„Лежалката на плажа лесно се заменува со болнички кревет. Да ги почитуваме мерките за заштита од Ковид 19. Да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите родители, баби, дедвоци. Затоа што нема ништо поважно од здравјето на нашите најблиски. Носи заштитна маска, одржувај физичка дистанца, не се групирај и често миј ги рацете“, пиша министерот на Фејсбук.

Во меѓувреме, СЗО алармираше дека ноќните клубови стануваат нови жаришта на корона вирусот, а младите луѓе најголеми преносители на болеста.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста