Станбениот квадрат и натаму ќе ѕида „високо“
Стагнација на цените на становите, но во догледно време. Ова може да го очекуваат граѓаните на Македонија во наредниот период, велат од Здружението на Градежната комора на Македонија. Тие очекуваат стабилизација на подолг рок, но не и надолна корекција. Познавачите пак велат дека новите станови што ќе се градат со квалитетни материјали, и натаму ќе имаат високи цени. Како најатрактивни се населбите кои гравитираат околу центарот на Скопје, каде што цената лани надмина 2200 евра за квадратен метар.
Вискота цена на квадратот, градежниците ќе треба да ја оправдаат и со усогласаување со правилата и нормите за градба со оние на Европската унија и дека ќе ќе мора да започнат со проектирање со таканаречените еврокодови од 1 септември годинава. За тоа дали имплементацијата на европските стандарди ќе значи и поскапување на становите, претседателот на Здружението на градежна комора, Андреа Серафимовски, вели дека процесот не треба да се гледа од економски аспект.
„Не би требало да го гледаме овој процес од економски аспект, во моментов, затоа што без примена на еврокодови губиме чекор кон проектирањето, губиме чекор кон подигање на конкурентноста. Во моментов најбитно е да почнеме да работиме по еврокодови да го усовршиме тоа работење, да ни стане пракса. И во моментов најбитно е ние како здружение и институциите да дадат помош инженерите што побрзо да се снајдат во новите услови“, рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружение на градежна комора.
Примената на еврокодовите во пракса значи дека македонските компании и инженери треба да обезбедат конструктивни проекти, сигурни и стабилни одржливи градби, како и конкуренција на инженерите, не само во Македонија туку и во Европската унија и на светско ниво.
„Конкуретноста не само на инженерите кои што се членки на Комората, туку и општо на компаниите, нашите градежни компании во државата, е услов за држење чекор напред, затоа што знаеме дека веќе сме во процес на евроинтеграција“, рече Кристинка Чулак претседател на Комората на овластени архитекти и инженери.
За тоа колку се подготвени компаниите да ги усогласат условите за работа со оние во Европа, Чулак вели дека од сите учесници во градбите, само проектантите покажале подготвеност за почитување на европските стандарди. Од Факултетот за Градежништво велат дека тие треба да бидат првите кои ќе ги воведат и имплементираат сите новини во оваа индустрија за понатамошен развој. Деканот Горан Марковски рече дека досега се излезени неколку генерации студенти запознати со европските стандарди.
Љубиша Владимиров