ССНМ: Да не се дозволува намалување на платите на новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека во услови на работење со висок ризик за медиумските работници најавите на некои медиуми дека ќе ги намалат платите е недозволиво и неприфатливо. Како што стои во соопштението од синдикатот, ризикот кој го носат редакциите за непречено функционирање на медиумите и непречено информирање на јавноста не смее да биде казнето со намалување на платите, туку напротив, со наградување каде што тоа е возможно .

Самостојниот синдикат уште еднаш апелира до сопствениците на медиуми да ги почитуваат мерките на Министерството за здравство за заштита на вработените на работното место . Бараат редовно дезинфицирање на работните простории во медиумите и да се обезбеди соодветна заштита на сите вработени, а особено на медиумските работници кои известуваат од критични места како што се болници, медицински установи и слично. Истовремено ги охрабруваат колегите да пријават до Министерството за здравство доколку не се почитуваат мерките за заштита во нивниот медиум.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста